Желино и Грамш потпишаа Меморандум за соработка за заедничка проектна апликација

 На 12 ноември 2026 година, во Струга, во просториите на Заедничкиот технички секретаријат (ЗТС) на Програмата за прекугранична соработка ИПА Северна Македонија – Албанија, беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Општина Желино и Општина Грамш.

Меморандумот го потпишаа градоначалникот на Општина Желино, Блерим Сејдиу, и градоначалникот на Општина Грамш, Бесијан Ајази.

Заедничката проектна апликација, меѓу другите активности, ќе се однесува на системи за рано предупредување за мониторинг и заштита на природното наследство.

Средбата ја организираше и ја поддржа Центарот за развој на Полошкиот плански регион (ЦРР Полог), како организација одговорна за подготовка на апликацијата.

Работилница со Општините: Оценување на Програмата 2021-2026 и насоки за 2027-2031

Центарот за развој на Полошкиот плански регион, одржа работилница со претставници на Секторите за локален економски развој (ЛЕР) и за Инвестиции односно инфраструктура од општините на Полошкиот регион. На работилницата беа претставени наодите од завршното оценување на Програмата за развој на Полошкиот плански регион 2021-2026, како и насоките за новата Програма за периодот 2027-2031.

Главните резултати од оценувањето ги презентираше надворешниот експерт Виктор Стојановски, по што следуваше дискусија за степенот на реализација на планираните активности и потврда на статусот на проектите по општини. Во вториот дел, воден од експертот Шенаси Мемиши, беше претставена рамката на новата Програма 2027-2031, со акцент на приоритетите за економски развој и мали и средни претпријатија, рурален развој и туризам, животна средина, енергија и дигитална трансформација.

Преку спроведената анкета меѓу општините, како најитни приоритети беа издвоени водоснабдувањето и канализацијата, воздухот и патната инфраструктура , додека како најголем предизвик беше посочен недостигот на стручен кадар во општинските администрации.

Центарот за развој на Полошкиот плански регион продолжува со подготовката на новата Програма, во соработка со општините и со поддршка на надворешни експерти.