Полошкиот плански регион се наоѓа во северозападниот дел на Македонија, со површина од 2.416 км2. Ја покрива Полошката котлина, Мавровската висорамнина, планинскиот масив Бистра и долината на реката Радика.

На државно ниво, Полошкиот регион е еден од осумте региони, кој го сочинуваат следните девет општини: Тетово, Гостивар, Маврово и Ростуше, Желино, Теарце, Боговиње, Врапчиште, Јегуновце и Брвеница. На оваа територија има 184 населени места во кои живеат 304 125 жители. Од 304.125 граѓани 18.4% се Македонци, 73.2% Албанци, 5.7% Турци, 1.6% Роми, 0.01% Власи, 0.32% Срби, Бошњаци 0.08% и 0.66% се други националности.

Природни ресурси

Регионот има големо природно и артифицијално богатство. Полошкиот плански регион е богат со минерални суровини кои се констатирани низ целата негова територија. Од големо економско значење се рудните наоѓалишта за сиви мермери во Гостивар и доломитите во Јегуновце и Чајле. Останати присутни руди и минерали во регионот се: манган, молибден, бакар, арсен, олово, хром и мермер.

Полошкиот плански регион располага со 170.310 ха земјоделско земјиште од кое 41.876 ха е обработлива површина и 128.433 хa се пасишта. Од вкупната обработлива површина 30.565 хa се ораници и бавчи, 10.244 хa ливади, 1.023 хa овоштарници и само 44 хa се лозја. Поголемиот дел од земјоделската површина или дури 75 проценти во Полошкиот плански регион се пасишта, останатите 25 проценти е обработлива површина. Регионот не овозможува интензивен развој на земјоделското производство, но е познат по производите како тетовско јаболко, тетовски грав, сирење и кашкавал, кои отвараат перспектива за негување и промовирање на производите со што би се зголемил извозот.

 

Туризам

Полошкиот плански регион е туристички бисер кој изобилува со природни убавини, историско-културни споменици. Туризмот како стопанска гранка не е доволно развиен во Полошкиот плански регион, но има голем број на неискористени потенцијали кои претставуваат можност за инвестиции, а со нивното искористување да го направат регионот еден од најголемите туристички дестинации како во државата така и во Европа. Веќе постоечките ски центри “Маврово” и “Попова Шапка” нудат можност за надградба на развојот на ски туризмот и можност за промоција и посета на останатите природни убавини кои ги поседува овој регион.

Економски карактеристики

Трговија на големо и трговија на мало и поправка на моторни возила и мотоцикли е сектор на дејност што е најзастапен во Полошкиот плански регион, со вкупно регистрирани 1.611 деловни субјекти и 22 процентно учество во вкупната економија. Втор сектор е преработувачката индустрија со вкупно 905 регистрирани деловни субјекти и 12,4 проценти економско учество и градежништво како сектор со 651 деловен субјект и 8,9 проценти учество. Со овие податоци се селектираат најзначајните економски сектори, како што се производство на градежни материјали, преработка и производство на финални производи од дрво, прехранбена индустрија, преработка на пластични маси, преработка на алуминиум и производство на текстилни производи.