FORGOT YOUR DETAILS?

TOURISM AND CULTURE

ТУРИЗМОТ ВО ПЕЛАГОНИЈА

Пелагонија, со своето природното и антропогено богатство има огромен потенцијал за развој на авантуристички (активен) туризам кој вклучува чиста животна средина, запознавање со автентична локална традиција и култура или физичка активност. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика на РМ, во 2015 година регионот го посетиле нешто повеќе од 62.000 туристи од кои околу 41.000 биле домашни а 21.000 странски. Просечната должина на престојот на туристите е 2.5 ноќевања односно околу 150.000 ноќевања во текот на годината. Регионот располага со официјално регистрирани 3.386 соби и околу 10.000 кревети. Овие бројки не ги вклучуваат собите и креветите на сместувачките објекти со капацитет под 20 легла, но според податоците на локалните самоуправи кои се надлежни за категоризација и евиденција на овој тип на туристички капацитети, нивната бројка би го зголемила бројот на соби и легла во регионот само за неколку десетици/стотини.

Главните карактеристики на туристичкиот производ на Пелагонија се чиста животна средина, урбани средини со милениумска историја, активни села, богато културно наследство, културни и спортски настани и секако автентична гастрономија. Во регионот, главни туристички дестинации се градовите Битола, Прилеп, Крушево, Ресен со нивните околини, микрорегионот Преспа со Преспанското Езеро и Националните Паркови Пелистер и Галичица. Останати чинители на туристичкиот производ вредни за спомнување се: езерата Пелистерски Очи, островот Голем Град, архелошкиот локалитет Хераклеја, градската архитектура на Битола, градот Крушево, тврдината Маркови Кули во Прилеп, античкиот град Стибера кај с. Чепигово, Могилата на Непобедените во Прилеп, црквите и манастирите “Св. Ѓорѓи” во Курбиново, “Преображение” во Зрзе, “Трескавец” и “Архангел Михаил” кај Прилеп, “Св. Јован Претеча” во Демир Хисар, “Св. Ана” и “Св. Петка” во Маловишта. Најважни културни настани кои имаат значајна улога во привлекувањето на домашни и странски туристи се: Фестивалот на филмска камера “Браќа Манаки” во Битола, “Пиво Фест” и карневалот “Прочка“ во Прилеп, “Актерот на Европа” и “Преспански Јаболкобер” во Ресен, Фестивал за народни песни и инструменти “Пеце Атанасоски“ во Долнени и Мал Битолски Монмартр.

Пелагонискиот регион има голем број на активни села кои имаа конкретна туристичка понуда: Брајчино, Љубојно, Долно Дупени, Сливница, Претор, Стење, Отешево, Дихово, Маловиште, Нижеполе, Слепче, Крани, Магарево, Старавина. Гостите во овие села можат да уживаат во прошетки во недопрена природа, автенитчна храна, собирање на плодови, да испробаат техники на производство на градинарски, млечни производи и мед а во крајбрежните села во текот на пролетните и летните месеци да уживаа во одлично уредени плажи и да се бањаат во водите на Преспанско Езеро.

Пелагонискиот регион континуирано ја зајакнува и својата понуда на спортско-туристички настани кои привлекуваат домашни и странски професионални спортисти и рекреативци. Секоја година, во Пелагонија се организираат државни и светски првенства во змајарство и параглајдинг, ревијални и натпреварувачки мото-трки, џип турнеи, трки во планинско трчање, велосипедизам, алпинизам и спортско качување. Во околината на НП Пелистер и Крушево постојат ски центри Нижеполе, Копанки и Станич кои секоја зимска сезона даваат можност за алпско скиење, турно скиење и бордање. За љубителите на спортскиот лов во Пелагонија постојат вкупно 49 ловишта од кои 17 се за крупен дивеч и 32 за ситен дивеч.

TOP