FORGOT YOUR DETAILS?

ECONOMIC DEVELOPMENT

Главни столбови на економијата на Пелагонискиот плански регион се производството и преработката на земјоделски производи и експлоатацијата на минерални суровини. Регионот меѓу другото е најголем производител на јаболка, тутун и млеко.

Секторот Економија во Пелагонискиот регион има значајни предности кои истовремено претставуваат и можност за дополнителен економски развој. Регионот има добра географска положба, близина со земја членка на Европската Унија и две земји членки на НАТО. Регионот има релативно добра патна инфраструктура и поврзаност во рамките на регионот. За развој на економијата голема можност претставува отворањето на граничниот премин Маркова нога со Република Грција  и изградбата на експресниот пат Прилеп - Велес. Подобрувањето на добрососедските односи со Р. Грција и повторното отворање на железничката врска Велес - Битола – Лерин – Солун ќе има огромно влијание врз развојот на економијата и врз протокот на луѓе, стоки и капитал.

На територијата на регионот има значајни природни ресурси (минерални суровини, рудни богатства, вода, обработливo земјиште) кои се недоволно искористени.

Пелагонискиот регион има добри климатски услови за развој на земјоделството, а особено за одгледување на индустриски култури. Во регионот се произведуваат мал број на производи со повисока додадена вредност, постои недостаток на преработувачки капацитети за земјоделски производи, а чинителите во вредносниот синџир во земјоделството се слабо поврзани. Зголемената побарувачка за храна во глобални рамки, постојаниот пораст на цените на храната,  зголемениот интерес за ароматични и лековити билки, и шумски плодови претставуваат можност за поинтензивен развој на земјоделството.

Рудните наоѓалишта во Пелагонија и Мариово кои денес се искористуваат во трите блока на ТЕЦ Битола, мермерот од прилепско, минерални извори кај селото Меџитлија, битолско претставуваат значајна можност за подинамичен развој на секторот рударство и вадење на камен.

Обезбедување енергија од стабилни, сигурни, чисти и обновливи извори е огромен потенцијал кој се должи на поволните климатски услови во регионот за производство на енергија од вода, сонце, ветар и био маса.

Во Пелагонискиот плански регион егзистираат голем број на активни деловни субјекти што претставува можност за развој на регионот како и можност за намалување на невработеноста бидејки постоечките претпријатија можат да создадат уште поголем број на работни места. Во регионот постојат и инстутуции / организации за поддршка на бизнис секторот но немаат капацитет за поголема поддршка на бизнис секторот. Неопходна е активна поддршката за подобрување на конкурентноста на постоечките претпријатија преку воспоставување на институционална рамка за поддршка на бизнисот, поддршка за воведување на нови технологии, вопоставување на квалитетна советодавна и експертска помош за бизнисот и поддршка за формирање на кластери. Неопходно е и поддршка на иновациите и создавање на сет на мерки за стимулирање на соработката помеѓу стопанството и високообразовните инститиции бидејќи економската криза доведе до уште подрастично опаѓање на можностите за примена на науката во развојот на економијата и креирање на економија базирана на знаење. Недостатокот на капитал за инвестиции и готови пари за финансирање на развојни проекти на бизнис заедницата е слаба страна а за нејзино надминување неопходно е спроведување на мерки за олеснување на пристапот до расположливите финансиски средства како и промоција на различни форми на заедничко вложување со цел да се зголеми и општествената одговорност на бизнис секторот.

Постоењето на локални индустриски зони со утврдена урбанистичко планска документација е значаен предуслов и силна страна за зголемување на инвестициите. Од друга страна постојните индустриски зони не располагаат со целосната инфраструктура. Потребно е и да се превземат активности за изградба на инфраструктура во индустриските зони, креирање на мерки и поволности за инвестирање, нивна промоција пред потенцијални инвеститори, со цел зголемување на инвестициите во сите сектори, а  посебно во преработувачката индустрија. Огромна можност за економски развој е вклучувањето на големата дијаспора во поттикнувањето на економскиот развој и воспоставување на соработка со економските промотори. Значајна можност и компаративна предност на индустриските зони од регионот е повторното отворање на железничката врска Велес - Битола – Лерин – Солун со што овие индустриски зони ќе се поврзат со пристаништето во Солун.

Промоцијата на активните мерки за вработување, преквалификацијата на кадри, промоцијата на програмите за поттикнувањето на претприемништвото, самовработувањето и занаечиството  се можности кои треба да се искористат.  Етаблираните високообразовни институции и истражувачки центри во рамки на регионот можат да помогнат во елиминирање на овој ограничувачки фактор. Потенцијална закана е миграцијата посебно одливот на високо образувана работна сила и намалување на пристапот до финансии за приватниот сектор.

Во рамките на регионот постојат значајни разлики во достигнатото ниво на економски развој.  Општините Долнени, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Новаци и Ресен не можат да генерираат ниво на развој како урбаните центри Битола и Прилеп. Проблемот со диспаритетите во развојот особено е изразен кај руралните општини каде постои низок квалитет на живот и недоволен претприемачки капацитет на жителите. Сериозна закана е тенденцијата за иселување на овие граѓани во други места во државата и надвор од неа, поради што е неопходно превземање на мерки за намалување на  миграциските процеси. Потребни се активности за стимулирање на отварањето на нови бизниси во овие општини, подобрување на капацитетите на човечките ресурси и нивно усогласување со потребите на пазарот на трудот.

TOP