Презентирана Студијата за оценка за влијанието врз животната средина за изградба на санитарна депонија во Русино
Систематско подобрување на управувањето со цврстиот комунален отпад во Полошкиот регион, создавање на прописна санитарна депонија во блиска иднина во Русино и развој на постапка за нејзино затворање, се главни цели на Проектот за интегрирано управување со отпад, преку кој треба да се подобри управувањето со цврстиот отпад во Полошкиот регион. За таа цел, во општина Гостивар беше одржана јавна расправа на Студијата за оценка на влијанието врз животната средина за изградба на санитарна депонија за цврст неопасен комунален отпад во Русино, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, како надлежна институција. Студијата за оценка на влијанието врз животната средина за изградба на санитарната депонија во Русино, како преодно решение, изврши идентификација и предвидување на можните влијанија од проектот, идентификација на основната состојба на животната средина, како и основните социо-економски услови во подрачјето каде ќе се спроведува проектот. Во овој документ извршени се и предвидувања на предлог мерките за спречување, намалување и компензација на влијанието на депонијата.
Согласно наодите, идентификувани се мерки за спречување, намалување и компензација на влијанието од проектот и подготвен е акционен план за заштита на животната средина кој ги утврдува мерките и одговорностите. Со цел да се обезбеди правилна и ефикасна имплементација на спроведувањето на мерките, подготвен е мониторинг план, кои заедно со акциониот план треба да бидат обврска за идниот изведувач и оператор на депонијата.
Заклучоците на студијата покажуваат дека со создавањето на санитарна депонија во Русино, како преодно решение, идентификуваните влијанија врз животната средина можат да се избегнат со спроведување на соодветни мерки и соодветна контрола. Врз основа на стручен пристап, Студијата констатира дека реализацијата на овој проект не претставува закана за животната средина, туку неговата реализација ќе донесе придобивки за заедницата. Покрај тоа, изградбата на санитарна депонија во Русино ќе го реши проблемот со комуналниот отпад. Временската рамка за работа на депонијата Русино, како станитарна депонија, по имплементирање на предвидените мерки, се проценува на најмногу 10 години, а Студијата предвидува и план за нејзино затворање. Паралелно со овој процес ќе отпочне постапка за изнаоѓање на нова локација за регионална депонија. Вкупната површина на локацијата е 117.850 м2, а има капацитет за прием на вкупно количество на отпад од 1.050.000 m³ или 90.000 – 100.000 тони годишно.
На јавната расправа, на која присустуваа претставници на деветте општини од полошкиот регион и претставници на институциите, претставници на невладиниот сектор и граѓани, беа презентирани и алтернативните решенија за депонијата Русино. Според наодите, затворањето на постоечката депонија и нејзино дислоцирање во овој момент е скапа и несоодветна алтернатива и ќе чини над 16 милиони евра, а за изнаоѓање на нова локација се потребни најмалку пет години. Во таа насока, се препорачува изградба на санитарна депонија во Русино, а во истовреме отпочнување на постапка за изнаоѓање на нова локација. На јавната расправа, заинтересираните имаа можност да ги искажат своите ставови во врска со проектот, а исто така беа одговорени и сите прашања поставени од присутните.
На јавната расправа беа презентирани и веќе преземените активности за подобрување на состојбата во депонијата Русино и забрзување на процесот на создавање на санитарна депонија. Неодамна сет мерки беа реализирани сет активности, чија реализација ќе придонесе кон подобрување на состојбите во Русино. Во рамките на овие активности изграден е систем за управување со исцедокот, со кој се оневозможува негово истекување надвор од локацијата преку собирање и рециркулација назад во телото на отпадот, со што значително се намалува негативното влијание врз околината. Покрај ова, инсталирана е вага со која точно се утврдуваат количините на отпад што пристигнуваат на локацијата, што е голем исчекор во создавање на подобри стандарди во депонијата. За да се подобри состојбата со цврстиот отпад и со цел да се намали нивото на прашина што се генерира при транспорт, Центарот за развој на полошкиот регион, со поддршка на Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен развој, спроведе проект за реконструкција на пристапниот пат до Русино. Поставена е и ограда по должина на патот за да се спречи нелегално фрлање на отпад покрај патот, а се разгледуваат и нови сообраќајни решенија.
Исто така, формирано е меѓу-општинско регионално претпријатие за управување со отпад, кое почна со работа. Неговата работа ќе биде финансирана од сите општини во Полошкиот регион и од јавните и приватни компании за собирање на отпад кои ќе дефинираат надомест за депонирање на отпад на депонијата.
Проектот за интегрирано управување со отпад, преку кој треба да се подобри управувањето со цврстиот отпад во Полошкиот регион е инициран од Центарот за развој на Полошкиот плански регион, поддржан од сите девет општини во регионот и од Министерството за животна средина и просторно планирање, а целта е подобрување на состојбата во депонијата Русино. Проектот ќе се имплементира во две фази. Првата фаза, која речиси е завршена ги вклучува горенаведените мерки и е финансирана од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (СЕКО). Во првата фаза се направени и подготовки за втора фаза, вклучувајќи и изработка на техничка и тендерска документација за изградба на санитарна депонија во Русино, за набавка на соодветна опрема и за зајакнување на капацитетите на општините и регионалните институции, како и за активности за подигање на јавната свест.
Во текот на првата фаза од проектот подготвен е Регионален план за управување со отпад во Полошкиот регион кој е одобрен од Министерството за животна средина и просторно планирање и усвоен од Советите на сите општините во регионот. Со усвојувањето на овој документ, општините во Полошкиот регион покажаа силна волја и заложба во напорите за обезбедување соодветно собирање и отстранување на отпад во следните 10 години. Усвојувањето на овој план е основа и предуслов за обезбедување на финансиски средства потребни за реализација на инвестициите планирани во втората фаза.
Студијата за оценка на влијанието врз животната средина е јавно достапна на интернет страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и на интернет страниците на Општина Гостивар и на Центарот за развој на Полошкиот плански регион.
No comment yet, add your voice below!